Saturday, December 29, 2018

Бројаници

Точно го знам бројот
на капките дожд кои паѓаа
врз полето со жито.
Бројам и знам колку
класје ќе ожнеат
жедните жетварки.
Знам дека бројот
на пченичните зрна
секогаш е непарен.
Бројот на ѕвездите
во ноќта ведра
го запишувам
врз парчето хартија
на кое веќе ги избројав
буквите и запишав
помалку се, знам.
Бројам, редам
запишувам
запишувам, бројам
бројам
птици по полето
на дрвото, птици.
Бројам гласови
зборови.
Запишувам, крај нема.
Ги бројам
алтаните за надница
душите изморени,
телата изобличени.
Бројам часови
до утрото следно.
Тагата и среќата
не се бројат, знам.

Дарежлива куќа

1. Копнеж
Куќата стара ја обожавам
ја нема веќе
во сон патувам низ неа
чекорам по одаите
ме нема таму.
Има копнеж по времиња стари
спомени и фотографии
полека што бледнеат.
2. Среќен дух
Моментите на страст
бесценетиот звук на пецкање
од плочите.
Реалните изливи на бес
доаѓаат од кровот
натежнат од наноси снег.
Топлината на ѕидовите
може да се замени
со магичните мириси
на тазе зготвена супа.
Газам по мирудии и чаеви
Среќни сме.
3. Желба
Желбата за нов дом
се коси со минливоста
на времето и нотите
од капките дожд под стреите
и расипаниот олук.
Новиот капут
желба за нешто
да се смени во животот.
Вечниот сон ги однесе со себе
мислите и желба една
дар од ароста.