Friday, October 11, 2019

Времеплов


Тргна па се премисли
Сакаше нешто да ми кажеш
Потрчнуваш забрзуваш
Повторно премислена.
Шепотот не помага
Разлеано мастило
Згужван папирус
Гулабот писмоносец
Нема кој да го нахрани.
Прати дождец пролетен
мисли стари да освежи
ронка надеж да остане
карпи да помести.
Мудроста е кажана
На сите јазици.

Хазардер


Колку куќи од карти сум урнал
Додека не била поделена правилната
Играта била изгубена
Од самиот почеток
Залудно биле лепливите прсти
Залудно била покерската фаца
Влогот бил моето кралство
Изгубено стотина пати
Рачниот часовник од стариот
Последните сребреници и филигранот
Двете лири аманет од баба.
Јас сум човек да ме отепа
Да не живеам
Да ме нема.
Доста се лутев на Бога
Доста се криев зад лошата среќа
Судбината била да лажам наоколу
Да се лажам себеси
Најмногу.

Тешко


Новиот ранец нема да знае
Колку тежина ќе носи
Каде ќе биде
Колку пат ќе мине
Каде ќе виси.
Душата моја нема да знае
Дека од тешко потешко има
Каде ќе биде
Каде ќе виси
Ќути, арно е.
Мојот копнеж нема да знае
Дека не ме мисли
Јас заслепено сакам
Каде ќе бидам
Каде ќе висам.
Само надежта знае
Молчи, не кажува
Колку ранци
Полни копнежи
Тежат на душата
Каде ќе бидат
Каде ќе висат.

Бесмртност


Сила доаѓа
Се поткренуваш
Животот е бесценет
Тоа го знаеш сигурно.
Духовите во црвено
Се твојата свита
Чекориш сигурно брзо
Застануваш сила поземаш
Јакнеш спремен за ударот следен
Во белината на муграта
Се губиш засекогаш.
Темнината извира од тебе.

Поданик


Пријател ми јави
Ја нашол главата моја
Стркалана по патот
Со насмевка која плени.
Мислата бара трошка сон
Починка од зборови
Сила да поземе.
Следи невреме очекувано
Ветрот удира во едрата
правец нов ме носи.
Дотука сам одев
Те следам понизно.

Поглед


Во очите твои
Цар сум крал
Во очите
Со очите гледај
Види ме
Јас сум пустиникот
Што го прими во домот
Гледај види
Со очите
Во очите
Тага црнила
Поглед недоглед
Со очите погледни ме.

Големо јаболко


Патем се прашувам
Онака разочарано
Зошто немам сила да го искинам
Телефонскиот именик на Њујорк
И така веќе се заборавени
Како евтини стаклени чаши за чај.
Мирис на свежа крв
Од скорешно убиство
Кое никогаш нема да се разјасни
Зошто вредат повеќе
Фотоапарат и четириесетина долари
Од живот ткаен, исплетен
Низ тесните улички
Дом и двор за случајните минувачи.
Бездомниците знаат се
Но никому не кажуваат.

Обиколка


Нејќам да престанам
Да патувам
Со мислите
Со мислите
И стутканиот билет
Неповратен, се разбира
Воодушевен од егзотиката на островите
Питката вода
Овошје со облик чуден
Патувам низ очите твои сини
Сина синевина
Потонувам и повторно патувам
Да трае ова чувство на милост
Нежност, вљубеност
Патување без враќање
Полн куфер сеќавања
Спомени и дребулии
Мисли мирни и тишина
Ветер топол ме носи
Тука до тебе.
Близината ја чувствувам.

Ние


Мене твоето игнорирање ми одговара
Зошто не знам поинаку
Не знам како
Мене твоето лудило ми е ближно
Зошто ми годи
Луд сум луд
Мене твоето црно ми е бело
Зошто цел свет си
Цело мое си
Тебе мојата смотаност ти треба
Зошто и ти незнаеш како
И ти поинаку нејќеш.

Духот твој


Мојот поглед кажува
Стисокот со рака ти кажува
Ти кажува телото мое.
Правиш се да не дознаам
Колку ти значи погледот
Не можеш без мислите
Ноќта ја проколнуваш.
Следно нешто
кое те потсетува на мене
сребрената светлина
од снежната виулица
ледениот здив ти годи
пече на кожата жигосана.
Звукот го слушаш нејасно
Зборовите испреплетени неважни
Ден светлина бараш
Ден година се стори
Чекори силно болката твоја
Те распрснува наоколу
Те снемува засекогаш.

Љубовна


Случајно ги избришав
Пораките наши љубовни
Со чувства пријатни
Реков ќе ги чувам
Да ме потсетат некогаш
На силината
Убавината
Занесеноста
По мене, тебе
По нас
За искреното те сакам
За стисокот во прегратките
За моментите тишина
Зошто борови се непотребни.
Чекорите ги паметам
Погледот кон ѕвездите
мирисот на цимет
испиениот салеп.
Мислата бледнее
Но никогаш не исчезнува.

Талкач


Одев многу
Талкав лутав шетав
По патишта различни
Сокачиња калдрмисани
Патеки поплочени
Но кои се правилните
Автопати модерни
Патишта прашливи
Патеки шумски
Сум одел.
Мене дружба ми правеле
Среќата тагата духот
Сам не сум бил знам
Ранец тежина сум носел
На душата радост
Од очекување ново.

Кралица

Покрај снегот што паѓаше
Ти реши да ти биде лето
Па лесно облечена
Поттрчнуваше по патеката
со насмевка кон
замисленото сонце.
Покрај ветрови виулици
Ти одлучи да ти биде мирно
Не ја местеше
Разбушавената коса
Занемарувајќи ги
Облаците прашина.
Покрај грмотевици дождови
Ти се осмели да чекориш
По ливада боса
Со жезло в раце
Неуморна од животот.

Живеам


Не ме отепавте
Живеам, жив сум
Чекорам по калдрмата
Не не
Не ме сотревте
Дишам, жив сум
Раните ги зацелувам
Не, велам не
Не ме убивте
Гледам, жив сум
Пијам вода езерска
Чекорам кон изворот
Битките ги добивам
Иако паѓам, се крепам
Моето време е сега
Секогаш сега
Живеам, жив сум
Живеам.

Промоција на книгата ,,Алтани и други,, во Скопје, септември 2019
#алтаниидруги #најдисевопоезијата
Промоција на книгата ,,Алтани и други,, во Гостивар, август 2019
#алтаниидруги #најдисевопоезијата