Saturday, November 9, 2019

Каде сме


Коренот треба да го знаеш
испреплетен в длабочина,
во земјата црна, меѓу црвите
коренот од семка изникнат
вито дрво израстено.
Корен да немаш
ќе речат старите
корен немало
не мислат така
туку останало од нивните стари
стари корења големи
останати исушени, скапани
таму се, останале засекогаш
да се препнуваме кога одиме
за да потсетуваат
на корењата наши.

Помалку измамени


Овие правила не се за нас
треба да смислиме нови
секој ден прави правила
правила со правец
кон подобро, за убаво
правила за нас, само наши
но не и за вас господа
вие живеете без нив
неправилни правила сте создале
по нив одите, итате
каде, кога, како
за правилните правила грижа не ви е.
Се обидов Господ знае колку
да ги направам прави
неправилните правила
правилно прави
за сите нас
правилно да постапиме
измамени да нема
или барем помалку да сè.

Измислена


Не се става мисла на душата
мислата замислен те остава
мислата на арно не е
со мисла не се јаде
нити се легнува.
Помисли само колку пати
душата починка бара од мисли
слободна да е
како птица млада.
Затоа те молам немој
мисли на душата да редиш
тие само тежнеат
и копкаат
и болат
мислата помислена премислен те остава
во кафез челичен
душата ја заробува
ја измачува
ја пеплосува.
Затоа помисли на песнава
мислата слободна да е.

Мелница


Градот во прегратка ме зеде
ме лулаше како бебе малечко
штотуку од мајка одбиено
ме галеше нежно полека
ме остави на клупата да сонувам
слонови и чинии летечки
во бои невидени.
Потонувам во водата
а жеден сум
верувам во добрината на луѓето
верувам на последниот лист
пожолтен.
Патот твој го знам
а за мојот ќе прашам
дојди кога ќе залади
заедно да талкаме
низ градот убав.

Љубојна


Точно е
не ти го знам лицето
ти го знам срцето
ти ја знам душата.
Вистина е
не ти знам сништата
ти го познавам погледот
ти ги знам усните.
Верувај
не ти ги знам мислите
ти ги познавам чекорите
ти го знам мирисот.
Знај
те сакам како што те знам
ти си тоа што сакав.

Friday, October 11, 2019

Времеплов


Тргна па се премисли
Сакаше нешто да ми кажеш
Потрчнуваш забрзуваш
Повторно премислена.
Шепотот не помага
Разлеано мастило
Згужван папирус
Гулабот писмоносец
Нема кој да го нахрани.
Прати дождец пролетен
мисли стари да освежи
ронка надеж да остане
карпи да помести.
Мудроста е кажана
На сите јазици.

Хазардер


Колку куќи од карти сум урнал
Додека не била поделена правилната
Играта била изгубена
Од самиот почеток
Залудно биле лепливите прсти
Залудно била покерската фаца
Влогот бил моето кралство
Изгубено стотина пати
Рачниот часовник од стариот
Последните сребреници и филигранот
Двете лири аманет од баба.
Јас сум човек да ме отепа
Да не живеам
Да ме нема.
Доста се лутев на Бога
Доста се криев зад лошата среќа
Судбината била да лажам наоколу
Да се лажам себеси
Најмногу.