Sunday, January 26, 2020

Наврзалка


Секој ја носи приказната своја
на грб и згрбавено оди
се крева да се исправи
но тешка е
да не остане.
Мојата приказна тешка не е
ја носам во малиот џеб
од кошулата нова.
Ете толкава е
празна проста пелин горка
ама моја.
Се раскажува 
три дена и ноќи
вечерва ќе ја пишувам
на месечевата светлина.

Damla


Кога врне
ако не те поздравам
поминувајќи покрај тебе
знај
само јас и чадорот ги броиме
паднатите капки дожд.

Непостоење 3


Поетот запишува стихови на паднатиот лист
или на белиот камен во потокот.
Песната умира и повторно се роди
далечен е патот до вечноста.

Непостоење 2


Земјениот пат што води до селото
често е раскопан од поројни дождови.
Крвта пролеана за слобода
измешана е со камењата.
Мирисот на босилек
секогаш те навраќа на лединката.

Непостоење 1


Белите линии убаво прилегаат на новиот асфалт
Птиците во кафезот се тажни
а децата што ги гледаат се весели.
Каков парадокс, какво недоразбирање
а можеше да биде подруго.