Friday, January 11, 2019

Темниот свет

Априлскиот полноќен ветер
потсетува на морниците
и долгиот пат.

Фала што ме праша
одмавнувањето со раката
донесе мир во мислите.

Незнаењето те одведе
на врвот од заблудите
добро е, само полека.

Животот црпи што е важно
остава дробни парчиња
да мислиме дека живееме.

Тука сум и кога не треба
знаеш, но не признаваш
исто чувствуваме.

Мрачните кошмарни соништа
води  во свет посакуван
а не знаеш дека постои.

Откриваш тунел подземен
луѓе без име и минато
миризба на смрт и опиум.

Бараш излез
но сепак чекориш, откриваш
судбини, погледи, допири.

Нејќеш да помогнеш
зошто е одредено да има
души кои патат за нас.

Светлина и воздух чист
градите ги пара како нож
светот се врти наопаку.

Мисла, дека се заборава
сето тоа е зад тебе
не лажи се повеќе.

Се бориш со помислата
тунелот да не постои
веднаш да се затрупа.

Единствено што сакаш
да си дел од нив
душите те повикуваат.

Никој нема да те бара
затоа тргни и не враќај се
има место за тебе.

Таму ќе бидеш
се додека некој друг
не го посака местото твое.

Останувам

Темнината ќилим ткае
еднобоен, волнен
го простира по друмот прашлив
знае каде ќе поминам.

Вкусот на водата и правта горчи
чекори тешки претешки
од сон будат титани
глас носат окаринин.

Мир, мирно спиј
сонот те води
до вечноста и понатака
со ќилимот те покривам.