Tuesday, October 16, 2018

Гномон

Време е
да ја осетиш благоста
на морската вода
богатството на залакот
натопен во младо вино.
Секогаш е време
за вдишување
издишување
вдишување
мирен лет
во правец на ветрот.
Времето протекува
охрабрува
сталожува.
Бескрајот е поблиску
крајот е само почеток
временската зона
тотално безначајна.

Штити ме

Полноќниот дожд
добро ме прочита
додека седев на темната полјана.
Војниците сами го избираат
војсководецот
помеѓу двете битки
во тој дождлив ден.
Тешко е да се мисли
со душа празна
и очи омраза полни.
После дожд секогаш доаѓа
светол ден и сино небо.

Saturday, September 29, 2018

Бабушка

Правев слики од твоите раскажувања
за животот тежок, но лесен истовремено
вплетканиот лилјак во долгата коса
пожолтена од к`ната египетска.
Врамени ги редев во замокот
изложбата ја посетувам повремено.
Сините очи, добрината
се мојот благослов
всадената љубов кон цветовите
навиката да им зборувам
додека ги полевам.
Дождовница се лее низ мислите
квечерината носи мир, спокој
кралската златна лулка се ниша
во ритам на француска шансона.
Ти сега си цвет, миризлив, црвен
шепотам на ѕвездите да те поздравам.

Сум

Одлучив да бидам,
ноторен лажен важен
хипстер случаен тажен
волшебен вселенски страшен
неуморен да бидам со став
одлучив да имам страв.
Одлучив да одам,
гордо исправено смело
згрбавено тешко брзо
збрефтано кас јако
монтипајтонски смешно
одлучив да галопирам грешно.
Одлучив да правам,
добро лошо добро
самарјански тесно лесно
полетно спретно бесно
да ме држи за рака
одлучив ваков да ме сака.
Сум.

Thursday, August 23, 2018

Толку

Два
пати ти повторувам
што треба да направиш
зошто забораваш
како секој.
Шест
танчерки проаѓајќи се кикотеа
сигурно не за мене.
Осум
латици од цветот на орхидеја
ги редам на твоето лице.
Четири
молитви наизуст
ги кажуваш забрзано
во полутемница.
Десет
минути по полноќ
сите заминаа
останавме ние
да гледаме во Месечината.

Wednesday, August 22, 2018

Скитник

Сеќавање на возовите
досадните кондуктери
згужваните билети
изморените патници.
Сеќавање на контролата
воена, површна
пријателски гестови
од тотални странци.
Тогаш сфаќаш дека се
твојот дел од целината
распарчена низ светот.
Сеќавања што веселат
топло милуваат.
Сеќавања што болат
удираат, крварат.
Само се прашувам дали
тие се сеќаваат на мене.

Бела

Кога сакам
каде сакам
можам
ама нејќам.
Измери го патот
да не речеш потоа
дека мамам за километри.
Привременото слепило
не е изговор
за да избегаш.
Луд сум
како стиховиве
луди, непозврзани.
Стави крпче со ракија
на душата.
Ќе помине.

Wednesday, July 25, 2018

Очајно

Нема кој да ги собере
трошките од масата
Нема кој да ги измие
коските од крвта
со вода
добро триј ги
со вода
Направи споменик
нареди ги како што е волјата Негова
Земјата мириса убаво
понекогаш
вкусот и е различен
секогаш
болката е возвишена
тогаш
трагично е колку ти треба
топлината од свеќите врз телото
Плачат од погледот на твоето страдање
солзите се преценети
Предизвикуваш бол
како жиг вжарен
врз нежната кожа
бол
болка ти треба.

Tuesday, July 24, 2018

Награда - освоено II место на Меѓународен поетски фестивал ,,Литературни искри,, Гостивар 2018
Award - 2nd place at the International Poetry Festival "Literaturni iskri", Gostivar 2018

Апетит

Другар ми вели дека
поезијата е работа на вкус
Затоа мојата најнова песна
ја напишав на лист
па полека го искинав
парчињата в уста ги ставав
да го осетам вкусот
но ништо
џвакав и чекав
голтав и ништо
Попусто било се
не осетив никаков вкус
Само песната ја снема
стиховите не ги помнам.
А добра песна беше.