Monday, October 22, 2018

Дух

Се смеам
но дали слушаш крик
кога молчам
најгласно викам.
Шетам, гледам лица наоколу
нивната тага, болка, мака
ја впивам.
Молчи, молчи
градиве се отворија
низ нив ветришта дуваат
да прочистат не ќе можат.
Темнина и тишина
тоа ми треба.

Sunday, October 21, 2018

Срки

Газам во непознато
страв немам
а треба да е така.
Темнини и смрт наоколу
се чудам
зошто страв немам.
Слушам за страдања
загуби
како да ги гледам
сеуште сум смирен.

Дојде моментот на вистината
плачам, солзи ронам
жалам, но страв немам
ниту омраза, горчина.
Се вртам, ме гледаат
знам дека ќе живеам
да пишувам редови
зошто страв немам.

Станица

Бетон, железо, стакло
јадам, голтам.
Лутам низ просторот
нема никој
или ми треба да нема.
Сам.
Сам да го доживеам
времето околу мене,
просторот мегаломански.
И чекам
само што, не знам
кога ќе дојде воз
да ме однесе неповрат.

Ново

Милиони светилки, многу светилки
во различни бои, многу светилки
бескрајот го осветлуваат, многу светилки
трепкаат, ми зборат, не ги слушам.

Свето место со многу светилки.
Светлина прегрната.

Врисок на споменот

Со пиштол на слепоочница
ме принудуваш да пишувам стихови
да воспевам храброст
челичен дух твој
пепел се стори.
Ножот во чизмата боде
чувствуваш топла крв
продолжувам стихови да редам
за животот твој голем
пепел се стори.
Гледам уплашено дете
се крие под насилниот лик
срце полно со страв
сомнеж
кротко чедо на мајка
пепел се стори.

Номад

Патот ќе го изодиш двапати
ќе се присетиш како било
дали воопшто постоиш
или си дел од волшебство.
Немој да ме гониш
ѕверови гладни да ме следат.
Сакам да сум тука
сега
стуткан до тебе
ете толку барам.
Последните зборови мои
да бидат први на чедото
мое твое.
Светот талка во мене
светот е дел од тебе.
Одам.

35 мм

Јас живеам во филм
кој се прикажува премиерно
се гледа еднаш
се прераскажува често.
Мојот филм
професионално аматерски.
Јас живеам во филм
игран долгометражен
од тебе зависи
која улога ја имаш
споредна главна
епизодна небитна
зошто треба улога за Оскар
или Мечка или Лав Златен.
Мојот филм без наслов
комедија драма трилер
сценарио напишано
на пожолтени листови.
Шминкери и костимографи
се обидуваат да направат
ведар лик весел
од моите тажни очи.
Мојот филм со почеток.

Saturday, October 20, 2018

Песната е да ти каже

Црвенило и тежина на грбот
од вреќа полна букви.
Ја истурам вреќата
на листови хартија
големи снежно бели
и почнаа песните да се раѓаат
мали големи долги
стихови се редат.
Буквите го знаат
местото во зборот
се редат зборови
мали големи нови.
Појди во шумата блиска
да слушнеш од стихови ехо
со очи затворени
да осетиш блаженство
од следното откровение.

Friday, October 19, 2018

Потопен

Восхитен од леснотијата
на неправилниот галоп
на три дена старото ждребе.
Изненаден од нестварната убавина
на боите во есен
пренесени од друго време.
Зачуден од твојата воздржаност
иако платонски ме погледнуваш.
Чувствата не лажат никогаш
но мамат понекогаш.
Ослободи го твојот зен
почни да чувствуваш
гласови смеа
да, тоа си ти
тоа е твојот рик.

Сила на љубовта

Неизреченото
погледот го кажува
направеното
душата ја растажува.
Сакам со мисли
сакам со допири
сакам сакам
да, сакам.
Силата на бурата
природата ја сака
жештината на лавата
планината ја сака.
Секогаш секаде
секој сака.
Вљубеност
на прво вдишување.