Thursday, March 15, 2018

Мислам од крајот

Книгите ги читам од последната страница
по навика
ставам шеќер по малку
колку да не биде горко кафето.
Љубовта ја мислам од крајот
па љубам од почеток
вселената не е само бескрај црн.
Со комшивката си разменуваме
учтиви зборови за добро
прекрасно, сончево утро.
Мирисот на морето го чувствувам
во пилавот
со нозете до колена во вода
со морска вода во устата
трчаш до целта
да освоиш симпатии
не приметуваш рана на стапалото
од острите школки.
Незаборавот лекува
душа крепи кога е тажна
бранот силен покрива тага
носи во длабочини меѓу ѕвезди.

Sunday, March 11, 2018

Живот

Неспретен како и секогаш
претам со рацете, мислите
се преврте чашата сок
се лепат прсти
се лепат спомени, сеќавања
се лепат пари
на кафанска пејачка
која никогаш не ја испеа
нарачаната песна
а парите ги зеде и
заносно затресе со градите
додека се оддалечуваше
низ чадот од цигари.
Се лепат поштенски марки
на писма неиспратени
со замачкани букви
од мастило и солзи
пожолтени.
Се лепат зеленики
вечерта пред Ѓурѓовден
пеејќи песни билјарски
да се лепат моми и момци.
Подобро вода да пијам
изворска, ледена
чиста.
Паметењето на водата.

Thursday, February 8, 2018

Priceless view

FOR HER

Благодарам што ме гледаш во очи
што се смееш на шегите мои,
што ме сослушуваш.

Кажуваш на сите
дека сум ти мил,
јас воскликнувам, летам
вљубен во тебе мила.

Само тебе те имам
ти си во мене душа
тријаголникот што недостасуваше
во мојот круг наречен живот.

ТАЈНИ

Тајната е во водата езерска
во бранови што брег мијам,
тајната е во Месечината
само таа знае колку те љубам.

Тајната е во дрвјата
во планините, небеската шир
тајната е во Сонцето,
само тоа сјае за нас.

Тајната е во нас
љубев и ме љубеше знам,
го чувствувам тоа насекаде
тоа е уште една тајна за нас.

ТРАГА

Те молам немој
немој да ме претвориш
во некој што не сум.
Сакам да личам на мене
да бидам цел живот јас
да ме доживуваш каков што сум.

Тоа е во мене
и те молам не менувај ме
остави ме каков што ме родиле.

Оди и барај некој друг
што ќе биде каков ти што сакаш
мене остави ме,
те молам, не менувај ме
има некој што ќе ме сака.

МОЕ МАЛО

Се чувствувам убаво
кога Сонце грее во мене
и сјаам за сите околу
ме разбираш, Сонце мое.

Мало си, како мене
но силно те чувствувам
насекаде,
и да,
прати ми сончев зрак кога ќе сакаш
да те погледнам и викам од радост,
како жеден за вода
Сонце мое мало.

САКАМ

Сакам да ти кажам
дека те љубам,
но ти тоа го знаеш.

Сакам да ти кажам
дека ми недостасуваш,
но ти тоа го чувствуваш.

Сакам да ти кажам
дека полудувам
изморен од животот,
но ти тоа го познаваш
и таков ме сакаш знам.

НЕОДЛУЧЕН

Доволно е веќе
не, не ме гледај,
не ми зборувај.
Секогаш наоѓам начин
да се чувствувам мизерно
и не ми треба некој
да пати за мене, со мене.

Знам дека ќе ме разбереш
и оди што подалеку,
ме заморуваш
силата ми ја земаш.

Сфаќам дека мојата мизерија си ти,
врати ми се,
се навикнав да си тука,
зависен од тебе.
Молчам, молам, сакам.

МУГРА

Муграта брза, ита
како да знае,
не можат без неа.

Отмена, главна е
во виорот од чувства.
Сакана е,
да е така подолго.

Мугра, а се чуди,
како сите да ги гали.
Бела и ладна,
но моментот со неа
цел живот го паметам.