Saturday, November 9, 2019

Каде сме


Коренот треба да го знаеш
испреплетен в длабочина,
во земјата црна, меѓу црвите
коренот од семка изникнат
вито дрво израстено.
Корен да немаш
ќе речат старите
корен немало
не мислат така
туку останало од нивните стари
стари корења големи
останати исушени, скапани
таму се, останале засекогаш
да се препнуваме кога одиме
за да потсетуваат
на корењата наши.

Помалку измамени


Овие правила не се за нас
треба да смислиме нови
секој ден прави правила
правила со правец
кон подобро, за убаво
правила за нас, само наши
но не и за вас господа
вие живеете без нив
неправилни правила сте создале
по нив одите, итате
каде, кога, како
за правилните правила грижа не ви е.
Се обидов Господ знае колку
да ги направам прави
неправилните правила
правилно прави
за сите нас
правилно да постапиме
измамени да нема
или барем помалку да сè.

Измислена


Не се става мисла на душата
мислата замислен те остава
мислата на арно не е
со мисла не се јаде
нити се легнува.
Помисли само колку пати
душата починка бара од мисли
слободна да е
како птица млада.
Затоа те молам немој
мисли на душата да редиш
тие само тежнеат
и копкаат
и болат
мислата помислена премислен те остава
во кафез челичен
душата ја заробува
ја измачува
ја пеплосува.
Затоа помисли на песнава
мислата слободна да е.

Мелница


Градот во прегратка ме зеде
ме лулаше како бебе малечко
штотуку од мајка одбиено
ме галеше нежно полека
ме остави на клупата да сонувам
слонови и чинии летечки
во бои невидени.
Потонувам во водата
а жеден сум
верувам во добрината на луѓето
верувам на последниот лист
пожолтен.
Патот твој го знам
а за мојот ќе прашам
дојди кога ќе залади
заедно да талкаме
низ градот убав.

Љубојна


Точно е
не ти го знам лицето
ти го знам срцето
ти ја знам душата.
Вистина е
не ти знам сништата
ти го познавам погледот
ти ги знам усните.
Верувај
не ти ги знам мислите
ти ги познавам чекорите
ти го знам мирисот.
Знај
те сакам како што те знам
ти си тоа што сакав.