Sunday, June 10, 2018

Колку

Еден
мој одраз во огледалото
ме виде мене
се изненади колку смирено
реагирам на плашила.
Деветти
пат одам и се враќам
заборавајќи да се земам
за да појдам веќе.
Петте
збора што ги прозборе
ги завиткав во целофан
погледни ги понекогаш.
Трите
наречници се картале
кога требало да ме
оросат со благослов.
Седумте
јарболи стојат празни
`рѓосани
знамињата избледеле.
Бројот следен
тивко го шепотам
под крилјата на гуската.
Ги плукам пердувите
заглавени во устата.

Бол

Песните мои за пеење не се
туку за полугласно читање
со вино натопени
понекоја солза
премолчена исповед
за песната да добие душа
да се раскажува за неа.
Огнометот најавува восхит
шарена воздишка
немо стои пред мене
без да ме допре
ја чувствува болката
од секој, за секој.
Солзите се зборови
недоречени
недопечени
како колачите од љубовта моја.

Priatelia

Низ објективот гледа нештата
кои не можеме да ги видиме
или не сакаме
со еден клик забележува
момент
спомен на секундата.
И толку.
Светот станува мало место
светот го прави близок
разгатнуваме лица расположби
се восхитуваме на авантури.
Споделува да видиме
тага радост сеќавања
во јачменовиот сок е вистината
тркалото го носи надалеку.
Сонува за подобро
во прегратки со волчицата
и трите мали волци.
Пркосот го наводнува
да се чувствува жив доволно.

Татко

Секој со својата планина
ќе речеше мојот татко
не осудувај
ништо ти не знаеш.
Неговото молчење мудрост
неговите дела оставени
да ме потсетуваат
да научам
за животот и болката
тагата и среќата.
Споменот ледено ладен
во далечина
бара поглед
очи стари сини
насолзени.
Само воздишка
длабока тешка.
И празнина.
Некогаш некаде далеку
ќе погледнам во очите сини
солза да избришам
спокој да дарам.