Thursday, August 23, 2018

Толку

Два
пати ти повторувам
што треба да направиш
зошто забораваш
како секој.
Шест
танчерки проаѓајќи се кикотеа
сигурно не за мене.
Осум
латици од цветот на орхидеја
ги редам на твоето лице.
Четири
молитви наизуст
ги кажуваш забрзано
во полутемница.
Десет
минути по полноќ
сите заминаа
останавме ние
да гледаме во Месечината.

Wednesday, August 22, 2018

Скитник

Сеќавање на возовите
досадните кондуктери
згужваните билети
изморените патници.
Сеќавање на контролата
воена, површна
пријателски гестови
од тотални странци.
Тогаш сфаќаш дека се
твојот дел од целината
распарчена низ светот.
Сеќавања што веселат
топло милуваат.
Сеќавања што болат
удираат, крварат.
Само се прашувам дали
тие се сеќаваат на мене.

Бела

Кога сакам
каде сакам
можам
ама нејќам.
Измери го патот
да не речеш потоа
дека мамам за километри.
Привременото слепило
не е изговор
за да избегаш.
Луд сум
како стиховиве
луди, непозврзани.
Стави крпче со ракија
на душата.
Ќе помине.