Wednesday, March 25, 2020

Воопшто не е

Не е добар знак
не треба сега да постојам
ова место е како кафез.
Ова не е добро
звучи како друг живот
звучи како кршење чаша
од порцелан.
Не е добро
треба да молчиме сите
да не кажеме збор, навреда
да молчиме за цел свет.
Дефинитивно не е добро
за никој од нас
дојди и гледај што се случи
гледај што ќе се случува
кога владеам со времето
како ги менувам речните текови
Ти велам не е добро
не е
не.
Ова беше мое место
мое засолниште
сега ти знаеш кој си.
Ослободи ме.

Позади зборовите


Бројот на книги во библиотеката го знаеш ти
бројот на зборовите го знам јас
заедно знаеме малку
колку да се рече дека научивме
откритија мали
тајни големи
волшебства заводливи.
Оганот меѓу двете војни
кланици беспотребни
осветлува наоколу
да видиме колку сме
здивени, не сме свои
туѓи, страшно осамени
изгубени засекогаш.

Трепет


Често одам на местата
каде бев среќен
малите нешта наоколу
ме збунуваа
не знам и нема да знам
што се случи потоа
само тишина
и понекоја слика со сина боја
нијанси на квечерина.
Одам насекаде
не бев среќен додека
светот околу мене зрачеше
очекував осаменост, тага
место, само мое
скршен лежам на подот.
Доживеав малку за да знам
како е од другата страна
нескромно себичен
споулавен, свој
недопирлив
како Месечината.

Цам


Зошто сакаш да знаеш за моето минато
што ќе ти е моето мислење за иднината
кога сум тука, сега присутен
мојата уметност е душата
зборот неизустен, замислен
купишта хартија
расфрлена наоколу
како птици летаат слободно.
Уметноста е замка
клешта која кубе парчиња месо
остава коски голи
кучињата да ги глодаат
да ги закопуваат скришно.
Време е да тргнам
монголските степи чекаат на нас
уметноста не смее да чека.