Saturday, July 3, 2021

Александар Михајловиќ: Најди се во поезијата

 Александар Михајловиќ: Најди се во поезијата

Александар Михајловиќ е роден 1971 година, во Гостивар. Работи како наставник. ,,Помалку измамени” е негова втора книга, автор е и на книгата поезија ,,Алтани и други” (2019). Добитник е на бројни награди и признанија за својата поезија, кај нас и во странство. Неговите поеми се преведени на српски, англиски и турски јазик, објавени се во бројни антологии и збирки поезија. Пишува и кратки раскази. Активен е онлајн преку својот блог за поезија - http://climberpoem.blogspot.com/

Негово најново остварување е книгата поезија ,,Помалку измамени,,. Книгата ,,Помалку измамени,, е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, како дел од Годинешните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 година. Лектор на изданието е професорката Габриела Петроска, графичкото уредување е на Едона Османи, а рецензијата ја напиша поетесата Љупка Антеска. Еве што напиша во рецензијата - 

Поезијата во книгата „Помалку измамени“ претставува освежување во македонскиот литературен простор. При читање на песните може да се почувствува соочувањето на авторот со постулатите на секојдневието, на животниот тек кој е посакуван, на интимната исповест испреплетена во современието. Авторот Михајловиќ се впушта во соочување со тежината и леснотијата на пишување на стиховите и ослободувањето од нормативите на секојдневната поетска реч. Токму едноставноста на неговите стихови, минималистичкиот начин на пишување, претставува момент на вистината, тогаш читателот создава свои претстави за случувањата. Кога вели:

„Духовите во црвено

се твојата свита

чекориш безбедно брзо

застануваш сила поземаш

јакнеш, спремен за ударот следен.“

се согледува обидот на поетот да вметне нишка на мистичност, а воедно да даде силна порака за читателот да биде силен кога ударите се најсилни. Ненаметливо создава естетска прецизност во пишувањето, енергетска харизматичност во новооткриениот свет кон разбирање на човечките карактери. Поетот се идентификува со нештата и ликовите опеани во песните, во еден вокативен, обраќачки тон, упатен на читателската публика. Но, тука не се изоставува самиот, тој се обраќа и кон себе, за да открие еден свет кон кој тежнее, свет доволно идеален, во кој културата на поезијата треба да го заземе тронот на битисувањето.

            Поезијата на Михајловиќ ја толкувам како обид на авторот да нурне во човековата реализираност, себеспознание, начин на претставување на животот во околности на реалноста. Тој живее за уметноста, на несебичен начин ја нуди едноставноста на вообичаените рутини гледани низ Аристотеловата мисла ,,Спознавањето на себеси е почеток на секоја мудрост,,.

            Александар Михајловиќ преку стиховите повикува на ослободување, создавање на реален свет, во кој љубовта се трансформира во сите сегменти на живеењето и се појавува во чудесни облици. Иако насловот „Помалку измамени“ предизвукува, сепак никој нема да остане измамен додека ги чита песните.

Љупка Антеска - поетеса