Saturday, September 29, 2018

Бабушка

Правев слики од твоите раскажувања
за животот тежок, но лесен истовремено
вплетканиот лилјак во долгата коса
пожолтена од к`ната египетска.
Врамени ги редев во замокот
изложбата ја посетувам повремено.
Сините очи, добрината
се мојот благослов
всадената љубов кон цветовите
навиката да им зборувам
додека ги полевам.
Дождовница се лее низ мислите
квечерината носи мир, спокој
кралската златна лулка се ниша
во ритам на француска шансона.
Ти сега си цвет, миризлив, црвен
шепотам на ѕвездите да те поздравам.

Сум

Одлучив да бидам,
ноторен лажен важен
хипстер случаен тажен
волшебен вселенски страшен
неуморен да бидам со став
одлучив да имам страв.
Одлучив да одам,
гордо исправено смело
згрбавено тешко брзо
збрефтано кас јако
монтипајтонски смешно
одлучив да галопирам грешно.
Одлучив да правам,
добро лошо добро
самарјански тесно лесно
полетно спретно бесно
да ме држи за рака
одлучив ваков да ме сака.
Сум.