Saturday, September 17, 2022

ЕДНО

 Мене твоето игнорирање ми годи

зошто не знам поинаку,

не знам како.

Мене твоето лудило ми е ближно

зожто ми годи

луд сум, луд.

Мене твоето црно ми е бело

зошто цел свет си,

цело мое си.

Тебе мојата смотаност ми треба 

зошто и ти не знаеш како

и ти поинаку нејќеш.

ЖИВОТОТ НЕ Е ИГРА

Колку куќи од карти сум урнал

додека не била поделена правилната,

играта била изгубена

од самиот почеток,

залудно биле лепливите прсти, 

залудно била покерската фаца,

влогот бил мое то кралство

изгубено стотина пати,

рачниот часовник од стариот, последните сребреници и филигранот,

двете лири аманет од баба.

Јас сум човек да ме отепа

да не живеам,

да ме нема.

Доста се лутев на Бога

доста се криев зад лошата среќа,

судбината била да лажам наоколу,

да се лажам себеси

најмногу.

УМЕТНИКОТ

 Зошто сакаш да знаеш за моето минато,

што ќе ти е моето мислење за иднината

кога сум тука, сега присутен, 

мојата уметност е душата,

зборот неизустен, замислен,

купишта хартија

расфрлана наоколу

како птици летаат слободно.

Уметноста е замка

клешта која кубе парчиња месо,

остава коски голи

кучиња да ги глодаат,

да ги закопуваат скришно.

Време е да тргнам, 

монголските степи чекаат на нас

уметност не смее да чека!

КАПКА

 Кога врне

ако не те поздравувам,

поминувајќи покрај тебе,

знај

тоа само јас и чадорот

ги броиме паднатите капки дожд.

СИЛНА

Покрај снегот што паѓаше

ти реши да ти биде лето

па лесно облечена

поттрчнуваше по патеката

со насмевка

кон замисленото сонце.

Покрај ветрови виулици

ти одлучи да ти биде мирно

не ја местеше

разбушавената коса

занемарувајќи ги

облаците прашина.

Покрај грмотевици дождови

ти се осмели да чекориш

по ливада боса

со жезло в раце

неуморна од животот.   

 

Sunday, February 13, 2022

,,Планетопија 2022,, Златна плакета за Сонетен венец и магистрал со акростих


 

КИЛИМ

Филозофската нишка е проткаена

низ твоите мисли и беседи

оставена да проникне во денот

чиниш леснотија кажуваш.

Денот се мачи да осознае

да открие вистина за себе.

Чекорот низ тоа снежно утро

тежок заради исчекувањето

засолништето крај отворениот прозорец

поглед векови наназад

кажува за вечните придружници.

Тоа е само мудрецот

кој прозборува низ тебе

твоето издигнување до сонцето наше

доказ е твој исцелителен

исеченици, рани печат

полни зборови тивко шепотат.

ПОСЛЕДНИОТ ПОРТРЕТ

Сликаш ликови налик на мене

на црн канвас, со боја црна

сликаш, ме демнеш

изгубено се чувствувам

силата моја е кај тебе.

Криејќи се во шупливото стебло

посегнуваш по звуците од ѕвоното

ноќта ја параат крици од бранови

душите на морнарите.

Сликај ги нотите на зајдисонцето

синилото на небесната шир

последните рибари заплеткани

во мрежите на животот

засекогаш оставајќи навики за сите

побарај ги ликовите во облаците.

ПРОНАОЃАЊЕ

Дозволи мечтите да се загубени

соништата неостварени

кулите и царствата срушени.

Дозволи

животот да помине неизживеан

реката спомени да однесе

остави времето да гази пред себе

пепел да се стори.

Напушти го градот тогаш

бегај што подалеку од нас

спаси остатоци свои

ветрот ќе надомести

трагај по внатрешни убавини

борбата сé уште трае.

ТЕ САКАМ

Скриен на тврдината

кај Антички во Варош

во чаршијата под каменот

чинарот ме скри.

Се криев во школката

в езеро меѓу далгите

на пазарот во зембиљот сламен

в кајче да не се гледа

на борот во дворот

кај пристаништето во бродот

позади ловот на рибарот

на Канео пред манастирот

под камењата во Потпеш

во куќата на Робевци

ете на Галичица

под платното на Билјана

водите чисти изворски

под крилото на лебедот

скриен кај Маларична

пред светиот спомен

на градот вечен

зајдисонцето ме криеше вешто,

но ти не ме најде.