Thursday, February 8, 2018

Priceless view

FOR HER

Благодарам што ме гледаш во очи
што се смееш на шегите мои,
што ме сослушуваш.

Кажуваш на сите
дека сум ти мил,
јас воскликнувам, летам
вљубен во тебе мила.

Само тебе те имам
ти си во мене душа
тријаголникот што недостасуваше
во мојот круг наречен живот.

ТАЈНИ

Тајната е во водата езерска
во бранови што брег мијам,
тајната е во Месечината
само таа знае колку те љубам.

Тајната е во дрвјата
во планините, небеската шир
тајната е во Сонцето,
само тоа сјае за нас.

Тајната е во нас
љубев и ме љубеше знам,
го чувствувам тоа насекаде
тоа е уште една тајна за нас.

ТРАГА

Те молам немој
немој да ме претвориш
во некој што не сум.
Сакам да личам на мене
да бидам цел живот јас
да ме доживуваш каков што сум.

Тоа е во мене
и те молам не менувај ме
остави ме каков што ме родиле.

Оди и барај некој друг
што ќе биде каков ти што сакаш
мене остави ме,
те молам, не менувај ме
има некој што ќе ме сака.

МОЕ МАЛО

Се чувствувам убаво
кога Сонце грее во мене
и сјаам за сите околу
ме разбираш, Сонце мое.

Мало си, како мене
но силно те чувствувам
насекаде,
и да,
прати ми сончев зрак кога ќе сакаш
да те погледнам и викам од радост,
како жеден за вода
Сонце мое мало.

САКАМ

Сакам да ти кажам
дека те љубам,
но ти тоа го знаеш.

Сакам да ти кажам
дека ми недостасуваш,
но ти тоа го чувствуваш.

Сакам да ти кажам
дека полудувам
изморен од животот,
но ти тоа го познаваш
и таков ме сакаш знам.

НЕОДЛУЧЕН

Доволно е веќе
не, не ме гледај,
не ми зборувај.
Секогаш наоѓам начин
да се чувствувам мизерно
и не ми треба некој
да пати за мене, со мене.

Знам дека ќе ме разбереш
и оди што подалеку,
ме заморуваш
силата ми ја земаш.

Сфаќам дека мојата мизерија си ти,
врати ми се,
се навикнав да си тука,
зависен од тебе.
Молчам, молам, сакам.

МУГРА

Муграта брза, ита
како да знае,
не можат без неа.

Отмена, главна е
во виорот од чувства.
Сакана е,
да е така подолго.

Мугра, а се чуди,
како сите да ги гали.
Бела и ладна,
но моментот со неа
цел живот го паметам.

КОЈ НАСЛОВ ПРИЛЕГА

Сакам да доживеам романтична љубов.
Зошто?!
Имам романтично срце
кое прави романтични отчукувања,
бие за тебе,
бие за непозната љубов.
Да ти подарам цвеќе
го набрав во морските длабочини
со бои досега невидени.
Но, твојата убавина е рајска,
ти морска сирено
земи ме во немирниот океан,
место на нашиот постанок,
врати го мирот душевен
и мојата надеж изгубена.

ТВОЈ

Си играш ти со мене
како поет со зборови
лесно, лесно
низ раце ме префрлаш,
како да заслужувам,
а не е така.

Не е така, реков
викам, врескам
ѕверам,
ме гледаш смирено,
намигнуваш.

Јас ти дозволувам
сакам, нејќам
ако, нека биде.
Заслужувам можеби.

ТЕМНО

Во тишината на ноќта
ти сам, само.
Можеш, правиш се.
знаеш да владееш со времето,
тебе сите ти служат.
Слушаш далечно завивање, па лаење.
Се по ред, како што е
и како што треба да е.
Сакаш да викаш,
но молчиш.
Така подобро се чувствуваш.
Само во себе повторуваш
не, неееее нејќам ноќта да мине,
ние сме едно, заедно.
Така. 
Така треба да биде.
Кога е ноќ.

ВРАЌАЊЕ

Јас сум човек со душа,
малоумен не.
Совршено сакам,
очекувам малку.
Погледни низ мене,
ќе видиш свет
кој и ти го посакуваш,
но се уште не знаеш.

Бегај надалеку,
но во мене си,
во мислите мои.

Погледни некогаш
во бескрајот темен,
погледи ќе се сретнат,
спој во мислите.

Знаеш колку треба
за да бидеме ние.
Затоа, лесно да ти биде
влези и остани,
гледај и диши
за мене.

ЗБОРУВАЈ

Знам дека ништо не ми кажуваш,
но сакам да те прашувам
за се и сешто
за глупости, како што велиш.

И потоа се сместувам
во омилената фотелја,
и во уво се претворам
слушам, слушам одговори.

Сакам кога ми зборуваш
измислуваш, ме лажеш
јас ти верувам,
те пратам со поглед.

МОИТЕ

Се смееме и глупираме,
кажуваме приказни,
пееме, пискаме, врискаме,
танцуваме лудо,
како да сме под облак
кој лее капки дожд
и прави волшебни моменти.
                      
Секогаш за вас ќе бидам тука
да ве скокоткам, гушкам
мили мои,
чувствувам љубов и нежност.

Скокаме и се веселиме,
радост се чувствува насекаде,
кажуваме смешни имиња,
до следното дружење.
Let`s fly

МОЈА

Погледни кон небото
невреме иде токму навреме,
мирно се чувствуваш
пронајди зборови и кажи им
што сакаат да слушнат.

Не можеш без мене
знам
затоа сум покрај тебе
гледај.

Да бидеме.
Засекогаш ние.

ПОТСЕТУВАЊЕ

Ти не ме сакаш.
Не како љубов,
туку како другар, пријател
брат
не платонски,
туку онака,
како дел од тебе.
Не ме сакаш.
Чувствувам, знам, се гледа
тоа тлее со години
го чувствувам, знам,
но зошто не кажуваш
така полесно ќе е
за мене
за тебе, не знам.
Не лажи ме. 

ВРЕДНОСТИ

Остави
нека ги убие гордоста,
суетата да ги сотре,
себичноста да ги растргне.

Потоа
стреси ги,
воздух да голтаат.
Оживеј ги.

Па кажи им
да разберат,
дека љубовта е таа
што треба да не води
по патот на надежта.

Секогаш да разбереме
што кажува погледот,
гестот,
да разбереме
зошто сме тука
сите на овој свет.

ЗАТОА СИ МОЈА

И кога ќе си замислам  дека повторно сум се родил,
пак ќе бидам со тебе, зошто ме заслужуваш.
Да те мислам кога си далеку, да те гушкам кога си крај мене,
да ти досадувам сабајлечки, и секогаш да те сакам.
           
Лажат кога велат дека погледите не говорат,
твојот поглед го читам. Ти си јас.
Намерно да те барав, немаше да се споиме.
За да продолжиме, како едно.

Сакаше да избегаш од сите, од себе
но знај и мене ми требаше душа
која ќе ме крепи, поткрева
кога ударите ќе бидат најтешки.

Грабаме од животот само она што е наше
остатоците ги оставаме за некои подобри времиња
за некои нови души искрени 
низ вековите следни.

ВРИСОК

Како нем сведок
осамена, кулата стои
ветерот звуци прави
што ги слушам само јас.

Нештата се насекаде
само каде што треба не
хаосот владее со времето
лажно чувство на смиреност
паѓа искршено.

Читајќи го стариот камен
дознав дека тука сум бил
порано
сам
како војник
кој преживеал
најсурови ветришта.

И малиот е тука
јаде и стои гордо
големиот го гледа
се восхитува на шаренилото.

ОСАМЕНОСТ

          На тие што се некаде!

Осамен во својата соба
на подот седи човек
и плаче.
Тишина ја обвиткува темнината
во празната соба.
Крајот далеку е,
а посакува да е сега.
Никогаш не чувствувал радост
надежта одбива да биде прифатена.

Светлина во мислите негови.
Сонце.
Stream

ПРОДАДЕНА

Таа не сакала да се случи така
но ете ја,
ја купуваат кој ќе стигне,
и не, не се преценува,
знае дека ќе има злато за неа.

Ја почитувам
зошто искрена е,
луѓето ја научиле така.

Ја воздигнувам,
зошто знае кога треба да сопре,
сама научила како.

Ја премолчувам
зошто е една од нас,
јас ја доживувам таква.

ПРАЗНИ СТРАНИЦИ

Читам многу, читам се,
читам од усни и мисли
читам од насмевки и солзи.

Затоа не грижи се
знам што посакуваш да кажеш,
а да не кажеш ниту збор.

Тука сум да помогнам,
да биде се друго
само ова не.

ПОРАКА

Клупа во паркот.
Сама.
Осамена.
Ги чека, пречекува,
ги испраќа.
Повторно осамена.

Дождови, снегови
ветерот ја корне,
Сонцето ја гори.
Нечија тајна,
радост, болка.
Силна, осамена
стои.

Газена, одмината
неважно.
Осамена.
Горена, вдлабени имиња.
И срциња.
Тука е.
За нас.