Sunday, March 10, 2019

Кога ќе ме нема

Немо ќе гледаш
во сликата моја
ќе ме бараш во далечина
нема да сум таму.
Пепелта моја расфрлена
со песок измешана.
Бран ќе избрише
стапалки спомени сеќавања
слика во мислите
збор непрозборен
мисла преполовена.
Дојди на плажата
на средба со душата моја
радост на изгрејсонцето
тивкото ветре во квечерина.
Слушни
ќе минат години векови
исто па исто ќе е
секогаш
засекогаш.

Те гледам

Те знам од некаде
од бесцелните прошетки
покрај реката
те познавам од секаде
се појавуваш како холограм
светлиш волшебно.
Низ разговор откривам
многу слични сме
те мислам каде одиш
замислено
со очилата в рака.
Патот пуст како душата
празен недоодлив
сигурен сум дека
сме биле заедно
до крајот на брегот
гледајќи во морската шир
Да, тоа сум јас!
Се трошам
како да сум од сол морска.
Ранлив
ни за себе.
Плачлив, лут
но искрен.

Saturday, March 9, 2019

Денот

Дај ми сила да разберам
зошто паѓаа мртви птици
од небото тој ден.
Денот
кога курвата ми плати мене
наместо јас нејзе.
Денот
кога бродот што тонеше
го извлекоа стотина робови
со јажиња и голи раце.
Колку болеше
погледот твој крадешкум
денот кога се справував
со силата на омразата нивна.
Не разбирам.
Тој ден, обичен
избегав од себеси
зошто не прифаќав
колку и да беше без цел
дека ќе ме нема
да довршам многу работи
кои чекаа на мене.
Денот кога ме снема
денот на плачот и мачнина
денот одреден за мене.
Ноќта е ден
собира остатоци
од приказната
за мене и денот.
Силата на вечноста
лесно ме носи 
кон облаци.

За раце се држиме

Заробени во тунелот
силна светлина пара зеници
бараме излез
потонуваме во бессознание.
Музиката ја чувствуваме појако
бледилото од патот се отслика
на нашите лица
исечени од тапите сечила.
Знаеш како е
да си слободен
бездната е ништо
во споредба
со длабочината на тагата
во душите наши.
Спаси го моментот
светлината разбелува наоколу.