Sunday, February 13, 2022

,,Планетопија 2022,, Златна плакета за Сонетен венец и магистрал со акростих


 

КИЛИМ

Филозофската нишка е проткаена

низ твоите мисли и беседи

оставена да проникне во денот

чиниш леснотија кажуваш.

Денот се мачи да осознае

да открие вистина за себе.

Чекорот низ тоа снежно утро

тежок заради исчекувањето

засолништето крај отворениот прозорец

поглед векови наназад

кажува за вечните придружници.

Тоа е само мудрецот

кој прозборува низ тебе

твоето издигнување до сонцето наше

доказ е твој исцелителен

исеченици, рани печат

полни зборови тивко шепотат.

ПОСЛЕДНИОТ ПОРТРЕТ

Сликаш ликови налик на мене

на црн канвас, со боја црна

сликаш, ме демнеш

изгубено се чувствувам

силата моја е кај тебе.

Криејќи се во шупливото стебло

посегнуваш по звуците од ѕвоното

ноќта ја параат крици од бранови

душите на морнарите.

Сликај ги нотите на зајдисонцето

синилото на небесната шир

последните рибари заплеткани

во мрежите на животот

засекогаш оставајќи навики за сите

побарај ги ликовите во облаците.

ПРОНАОЃАЊЕ

Дозволи мечтите да се загубени

соништата неостварени

кулите и царствата срушени.

Дозволи

животот да помине неизживеан

реката спомени да однесе

остави времето да гази пред себе

пепел да се стори.

Напушти го градот тогаш

бегај што подалеку од нас

спаси остатоци свои

ветрот ќе надомести

трагај по внатрешни убавини

борбата сé уште трае.

ТЕ САКАМ

Скриен на тврдината

кај Антички во Варош

во чаршијата под каменот

чинарот ме скри.

Се криев во школката

в езеро меѓу далгите

на пазарот во зембиљот сламен

в кајче да не се гледа

на борот во дворот

кај пристаништето во бродот

позади ловот на рибарот

на Канео пред манастирот

под камењата во Потпеш

во куќата на Робевци

ете на Галичица

под платното на Билјана

водите чисти изворски

под крилото на лебедот

скриен кај Маларична

пред светиот спомен

на градот вечен

зајдисонцето ме криеше вешто,

но ти не ме најде.

ЛЕДЕНА

Снежната белина не е за очите мои сини

не е да газам по снегот како по спомени,

мразот окован околу нозете

го топам со моите солзи

солени, врели, солзи за тебе.

Безнадежно бројам снегулки

бесрамно љубоморен на белината,

сакам вечно да трае моментот

запаметен засекогаш.

Мирот при полна Месечина

ледена магија наоколу

прави да се чувствувам

замислен за студенилото

на рацете, околу срцето.

КАДЕ СМЕ

Коренот треба да го знаеш

испреплетен в длабочина,

во земјата црна, меѓу црвите

коренот од семка изникнат

вито дрво израстено.

Корен да немаш

ќе речат старите

корен немало

не мислат така

туку останало од нивните стари

стари корења големи

останати исушени, скапани

таму се, останале засекогаш

да се препнуваме кога одиме

за да потсетуваат

на корењата наши.

БЕЛА

Кога сакам, каде сакам

можам,

ама нејќам.

Измери го патот

да не речеш потоа

дека мамам за километри.

Привременото слепило

не е изговор

за да избегаш.

Луд сум

како стиховиве

луди, непозврзани.

Стави крпче со ракија

на душата.

Ќе помине.

УКА

Учам некои работи удирајќи во ѕид,

само така може човек да научи.

Некогаш не можеш да молчиш,

ниту да зборуваш.

Громови удираат околу,

само не во мене.

Не дека сум јак,

не дека сум силен.

Едноставно е знај,

учам да одам напред,

научив и повторно,

оооо повторно

ништо не знам!

Мојата природа е да знам,

само да продолжам

без свртување.

ГРАЃАНИНОТ

Градот, големиот град

ги исфрла остатоците од

проголтаните,

неизџваканите,

несварените.

Желбите се сон неостварен,

потта на лицето пишува тажни стихови,

градот е мудар старец,

удира заушки на слободните,

шамари на загубените.

Високо и длабоко

коските скршени остануваат,

мечтите се зацелуваат,

некој најавува мирис на ветер,

пролетен, нов.

Не сме мртви, сé уште.