Saturday, September 17, 2022

ЕДНО

 Мене твоето игнорирање ми годи

зошто не знам поинаку,

не знам како.

Мене твоето лудило ми е ближно

зожто ми годи

луд сум, луд.

Мене твоето црно ми е бело

зошто цел свет си,

цело мое си.

Тебе мојата смотаност ми треба 

зошто и ти не знаеш како

и ти поинаку нејќеш.

ЖИВОТОТ НЕ Е ИГРА

Колку куќи од карти сум урнал

додека не била поделена правилната,

играта била изгубена

од самиот почеток,

залудно биле лепливите прсти, 

залудно била покерската фаца,

влогот бил мое то кралство

изгубено стотина пати,

рачниот часовник од стариот, последните сребреници и филигранот,

двете лири аманет од баба.

Јас сум човек да ме отепа

да не живеам,

да ме нема.

Доста се лутев на Бога

доста се криев зад лошата среќа,

судбината била да лажам наоколу,

да се лажам себеси

најмногу.

УМЕТНИКОТ

 Зошто сакаш да знаеш за моето минато,

што ќе ти е моето мислење за иднината

кога сум тука, сега присутен, 

мојата уметност е душата,

зборот неизустен, замислен,

купишта хартија

расфрлана наоколу

како птици летаат слободно.

Уметноста е замка

клешта која кубе парчиња месо,

остава коски голи

кучиња да ги глодаат,

да ги закопуваат скришно.

Време е да тргнам, 

монголските степи чекаат на нас

уметност не смее да чека!

КАПКА

 Кога врне

ако не те поздравувам,

поминувајќи покрај тебе,

знај

тоа само јас и чадорот

ги броиме паднатите капки дожд.

СИЛНА

Покрај снегот што паѓаше

ти реши да ти биде лето

па лесно облечена

поттрчнуваше по патеката

со насмевка

кон замисленото сонце.

Покрај ветрови виулици

ти одлучи да ти биде мирно

не ја местеше

разбушавената коса

занемарувајќи ги

облаците прашина.

Покрај грмотевици дождови

ти се осмели да чекориш

по ливада боса

со жезло в раце

неуморна од животот.