Sunday, February 13, 2022

ТЕ САКАМ

Скриен на тврдината

кај Антички во Варош

во чаршијата под каменот

чинарот ме скри.

Се криев во школката

в езеро меѓу далгите

на пазарот во зембиљот сламен

в кајче да не се гледа

на борот во дворот

кај пристаништето во бродот

позади ловот на рибарот

на Канео пред манастирот

под камењата во Потпеш

во куќата на Робевци

ете на Галичица

под платното на Билјана

водите чисти изворски

под крилото на лебедот

скриен кај Маларична

пред светиот спомен

на градот вечен

зајдисонцето ме криеше вешто,

но ти не ме најде.

ЛЕДЕНА

Снежната белина не е за очите мои сини

не е да газам по снегот како по спомени,

мразот окован околу нозете

го топам со моите солзи

солени, врели, солзи за тебе.

Безнадежно бројам снегулки

бесрамно љубоморен на белината,

сакам вечно да трае моментот

запаметен засекогаш.

Мирот при полна Месечина

ледена магија наоколу

прави да се чувствувам

замислен за студенилото

на рацете, околу срцето.

КАДЕ СМЕ

Коренот треба да го знаеш

испреплетен в длабочина,

во земјата црна, меѓу црвите

коренот од семка изникнат

вито дрво израстено.

Корен да немаш

ќе речат старите

корен немало

не мислат така

туку останало од нивните стари

стари корења големи

останати исушени, скапани

таму се, останале засекогаш

да се препнуваме кога одиме

за да потсетуваат

на корењата наши.

БЕЛА

Кога сакам, каде сакам

можам,

ама нејќам.

Измери го патот

да не речеш потоа

дека мамам за километри.

Привременото слепило

не е изговор

за да избегаш.

Луд сум

како стиховиве

луди, непозврзани.

Стави крпче со ракија

на душата.

Ќе помине.

УКА

Учам некои работи удирајќи во ѕид,

само така може човек да научи.

Некогаш не можеш да молчиш,

ниту да зборуваш.

Громови удираат околу,

само не во мене.

Не дека сум јак,

не дека сум силен.

Едноставно е знај,

учам да одам напред,

научив и повторно,

оооо повторно

ништо не знам!

Мојата природа е да знам,

само да продолжам

без свртување.

ГРАЃАНИНОТ

Градот, големиот град

ги исфрла остатоците од

проголтаните,

неизџваканите,

несварените.

Желбите се сон неостварен,

потта на лицето пишува тажни стихови,

градот е мудар старец,

удира заушки на слободните,

шамари на загубените.

Високо и длабоко

коските скршени остануваат,

мечтите се зацелуваат,

некој најавува мирис на ветер,

пролетен, нов.

Не сме мртви, сé уште.

 

БРАНУВАЊА

Животот нé води кон нешто,

нé носи на места

обидувајќи се да нé насочи

во права насока.

Препознавам, ме води.

Ти си тука, можеби

среќен сум, ти продолжуваш,

можеш да одиш напред.

За мене нешто се случи

што ме повреди,

не ти, ти ме запре,

ми покажа како да сакам,

колку ја заслужувам љубовта

и затоа живеам, живеам,

скоро и да не се плашам!

И сега

разбрав дека сакам

повеќе, подлабоко.

Тоа е начинот што ме запре,

што ми кажа дека грешам.

Сета болка не е важна

ако се обидам да разберам.

ЖИВОТОТ МОЈ

Знај

не ги давам моите лутања, пијанчења

не, тие мои се.

Не се каам за сите погрешни

зборови изустени, пцовки, гадотии

излезени од устата гневно

удирајќи по сите вас!

Ако, така е, така останало да биде.

Црнилото ми годи многу

како стара гозба сирова, римјанска

до болка неиздржлива, нескротена.

Каменот прозборе со неверување,

последниот говор на господарот,

слепите нечестиви поданици

заспиваат во смрдливите катакомби. 

ТАТКО

Секој со својата планина -

ќе речеше мојот татко,

не осудувај,

ништо ти не знаеш.

Неговото молчење, мудрост,

неговите дела оставени

да ме потсетуваат

да научам

за животот и болката,

тагата и среќата.

Споменот ледено ладен

во далечина

бара поглед,

очи стари, сини,

насолзени.

Само воздишка

длабока, тешка.

И празнина.

Некогаш некаде далеку

ќе погледнам во очи сини

солза да избришам,

спокој да дарам.

 

СРКИ

Газам во непознато

страв немам,

а треба да е така.

Темнини и смрт наоколу,

се чудам

зошто страв немам.

Слушам за страдања,

загуби гледам -

сé уште сум смирен.

 

Дојде моментот на вистината

плачам, солзи ронам,

жалам, но страв немам

ниту омраза, горчина.

Се вртам, ме гледаат,

знам дека ќе живеам

да пишувам редови

зашто страв немам.