Sunday, February 13, 2022

СРКИ

Газам во непознато

страв немам,

а треба да е така.

Темнини и смрт наоколу,

се чудам

зошто страв немам.

Слушам за страдања,

загуби гледам -

сé уште сум смирен.

 

Дојде моментот на вистината

плачам, солзи ронам,

жалам, но страв немам

ниту омраза, горчина.

Се вртам, ме гледаат,

знам дека ќе живеам

да пишувам редови

зашто страв немам.

ПРИЈАТЕЛИ

Низ објективот гледа нешта

кои не можеме да ги видиме

или не сакаме.

Со еден клик забележува

Момент,

спомен на секундата.

И толку.

Светот станува мало место,

светот го прави близок,

разгатнуваме лица, расположби,

се восхитуваме на авантури.

Споделува да видиме

тага, радост, сеќавања.

Во јачменовиот сок е вистината,

тркалото го носи надалеку.

Сонува за подобро

во прегратка на волчицата

и трите мали волци.

Пркосот го наводнува

да се чувствува доволно жив.

ПАМЕТЕЊЕ

На суво, на брег

слушам глас

нежен, меланхоличен...

Чувствувам глас -

морници, наежен

се будам во сонот.

Незабележливо држење за рака,

поглед занесен,

желба да останам до крај

засекогаш.

Да нема ново,

да нема утре,

само ти

секогаш тука.

Водата памети повеќе,

прашај ја!

Со вода во дланки зборувам,

паметам вода во времето,

капки дожд

паѓаат на лицето -

немир ослободуваат.

КАЖУВАЈ

Јас ќе ти кажам многу причини

зошто да живееш и уживаш,

ќе ти кажам да љубиш како е,

да го најдеш другото ти

во кое се заљубуваме.

Ќе ти кажам зошто да патуваш,

каде да одиш и оставиш трага.

Ќе ти кажам зошто е добро

да си сам, самотно сам.

Ќе ти кажам каква е болката

од времето и просторот,

ќе ти кажам како да леташ

стоејќи цврсто на земја,

Ќе ти кажам зошто да зборуваш,

кога треба да молчиш.

Ќе ти кажам,

ќе ти кажам, 

ќе ти кажам

само

да живеам,

доживеам,

преживеам.

ЗАЛИВ

Некаде далеку

читаат моја поезија,

уживаат во виното,

замижуваат од зајдисонцето.

           

Сок од лубеница,

песок насекаде,

истреси ја марамата,

и направи облак волшебен.

 

Танцувај, лудувај

во ритам на брановите,

вдиши свежина,

биди моја Нереида.

ДАЛЕКУ

Животот почнува со заминување,

заминува сончев зрак,

капки се тркалаат по листот

чиниш бисери млечни

заминуваат в неповрат.

 

Заминува возот

носејќи души напатени

што не знаат дека

каде и да одат

нивното време

одамна е заминато.

 

Замини и запомни -

збор од арост,

огниште и вода

истурена за добар пат,

поглед од чардакот,

солза скриена што боли.

БАБУШКА

 Правев слики од твоите раскажувања

за животот тежок, но лесен истовремено,

вплетканиот лилјак во долгата коса

пожолтена од к`ната египетска.

Врамени ги редев во замокот -

изложбата ја посетувам повремено.

Сините очи, добрината

се мојот благослов,

всадената љубов кон цветовите,

навиката да им зборувам

додека ги полевам.

Дождовница се лее низ мислите,

квечерината носи мир, спокој.

Кралската златна лулка се ниша

во ритам на француска шансона.

Ти сега си цвет, миризлив, црвен,

шепотам на ѕвездите да те поздравам.

Сонетен венец – Вера, надеж, љубов

 I

Врвејќи горе месечина потемнува

просторот е мала утрина

нашата стара надеж зататнува

среќата тлее во невиделина.

 

Новите места нè чекаат

што ќе најдам таму

запомни каде очи гледаат

да донесам назад ваму.

 

Патот беше лесен

низ ѕвезди летав

јадев леб пресен.

 

Помислував сум дете

по облаци шетав

еднаш не наидов на цвете.

 

II

Еднаш не наидов на цвете

на места стари, необични

утрото магливо осамна ете

сништата беа убави, најлични.

 

Рани лути зацелував, лечев

обвиткан бев во самотија

по мене мачнина влечев

се одлучив за красотија.

 

Душата беше чесна

одот мој горчлив

слушав хорска песна.

 

Река матна, сува

бев збунет, сонлив

радоста моја сама почекува.

 

III

Радоста моја сама почекува

сите погледи од високо

спуштање мирно, мир поседува

се најдов во полето широко.

 

Итаат луѓето, брзаат некаде

дома ги чекаат љубените

сфатив дека исто е насекаде

смелост бела добија загубените.

 

Доста е, да речат

сомнеж што боли

душа тажна лечат.

 

Поарно беше в лете

восклик да моли

аласот мрежа плете.

 

IV

Аласот мрежа плете

капки ко бисери нанижани

по мостот долг бездомик срете

чекори по даските разнишани.

 

Градот центар светски, црковен

светол, моќен, старински

како љубовта наша вековен

раскошен, мистичен, историски.

 

Секој секого сака

по улички одев

цврсто држиш за рака.

 

Течеа солзи врели

залутано те водев

никогаш не се осмели.

 

V

Никогаш не се осмели

сама по градот луташе

во срцето ми се всели

тајната од мене ја чуваше.

 

Поставки ископани од дамнина

на необични места ги чуваат

сега е зелена рамнина

деца и кучиња лудуваат.

 

Боли твојот поглед

пречи мојот прекор

надалеку, со двоглед.

 

Велиш тука си сама

забрзуваш чекор

ама е лирска оваа драма.

 

VI

Ама е лирска оваа драма

посакај чевли мали, волшебни

преслечена во жолта долама

занесено чедо, зборови дошепни.

 

Калдрмата вели да чекориме

часови брои, прави воодушеност

на градот да се додвориме

ми треба твојата спонтаност.

 

Цветот нектар лачи

ти треба сила

денот се мачи.

 

Знам за твоите цели

ти, мојата мила

денот почна да дели.

 

VII

Денот почна да дели

видов низ прозорчето затворено

отидов низ нови предели

волшебна сказна на отворено.

 

Секоја градба е грандиозна

те помнам добро, совршено

чекорејќи, ти си грациозна

времето наше не е завршено.

 

Дете на улица чита

врели костени јаде

коњот по мостот рита.

 

Веќе нема дилема

мудрост ми даде

евангелие ново спрема.

 

VIII

Евангелие ново спрема

денот роден го прослави

алхемичар со нова опрема

пред народот свој го достави.

 

Гордо, молкум молеше понизно

со орнаменти, нечитлив ракопис

некој гласно се смееше заразно

читајќи од неговиот синопсис.

 

Небото темно сино

учев од Талес

опиен без вино.

 

Сонце лисје коси

каков е овој процес

жезло кралот в рака носи.

 

IX

Жезло кралот в рака носи

длабоко од погледи скриени

богата гозба нѝ сноси

итавме по улиците измиени.

 

Помислувам мила моја понекогаш

пред великаните се поклонувам

те љубам, сакам засекогаш

на вечност се заколнувам.

 

Закопав среќа во дупка

дури сонце зајде

на студот цупка.

 

Те пратев, знај

мене ме најде

љубезен бев до крај.

 

X

Љубезен бев до крај

пат блескав светец покажува

на тврдината одеше покрај

таа со него се сложува.

 

Тешко беше пливање низводно

невеста во бело сликаше

тогаш ти пресуди праведно

чеснота победи, гласно викаше.

 

Замка тука лежи

камбана часот бие

ветрот дува, ежи.

 

Завист секаде виси

љубена мирно спие

убост од вкусови роси.

 

XI

Убост од вкусови роси

признавам малку бев занесен

купив букет со рози

од радоста голема понесен.

 

Нејќам бајката да заврши

друг некој да оставам

приказна наша да доврши

нови патишта да поставам.

 

Велиш сакам дома

газам на мина

гледаме друга мома.

 

Уста горчлива, сува

разнесен ко глина

брза кочија, зора чува.

 

XII

Брза кочија, зора чува

помнете ги тие моменти

испосник стар, ветер дува

звук од расипани инструменти.

 

Запиши го ова патување

биди во расположба секаква

ода на едно сонување

работа проста и еднаква.

 

Впиј нова мудрост

од чевлар стар

признание за смелост.

 

Испи голтка чај

биди свој дар

оглав стар стај.

 

 

XIII

Оглав стар стај

појди во столетна пивница

луѓето не вредат, познај

спомен твој од ливница.

 

Пред споменот се поклонувам

искрениот поглед твој стоплува

цвеќе на сите подарувам

од чекање полека исчезнува.

 

Мојот си копнеж

нашата љубов зрее

оддалеку слушам татнеж.

 

Вербата иста радува

мисла убава тлее

вечниот град останува.

 

XIV

Вечниот град останува

нема што да жалиме

за нас да раскажува

лошите работи ги палиме.

 

Оганот тела нѝ стоплува

на чуден јазик зборуваме

кралот орден ми доделува

со сите се збогуваме.

 

Нејќам да спијам

слепо те следам

во сатот се кријам.

 

Торба надеж носам

стихови нови редам

за љубов просам.

 

Магистрал

Врвејќи горе месечина потемнува

Еднаш не наидов на цвете

Радоста моја сама почекува

Аласот мрежа плете.

 

Никогаш не се осмели

Ама е лирска оваа драма

Денот почна да дели

Евангелие ново спрема.

 

Жезло кралот в рака носи

Љубезен бев до крај

Убост од вкусови роси.

 

Брза кочија, зора чува

Оглав стар стај

Вечниот град останува.

Saturday, July 3, 2021

Александар Михајловиќ: Најди се во поезијата

 Александар Михајловиќ: Најди се во поезијата

Александар Михајловиќ е роден 1971 година, во Гостивар. Работи како наставник. ,,Помалку измамени” е негова втора книга, автор е и на книгата поезија ,,Алтани и други” (2019). Добитник е на бројни награди и признанија за својата поезија, кај нас и во странство. Неговите поеми се преведени на српски, англиски и турски јазик, објавени се во бројни антологии и збирки поезија. Пишува и кратки раскази. Активен е онлајн преку својот блог за поезија - http://climberpoem.blogspot.com/

Негово најново остварување е книгата поезија ,,Помалку измамени,,. Книгата ,,Помалку измамени,, е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, како дел од Годинешните конкурси за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2021 година. Лектор на изданието е професорката Габриела Петроска, графичкото уредување е на Едона Османи, а рецензијата ја напиша поетесата Љупка Антеска. Еве што напиша во рецензијата - 

Поезијата во книгата „Помалку измамени“ претставува освежување во македонскиот литературен простор. При читање на песните може да се почувствува соочувањето на авторот со постулатите на секојдневието, на животниот тек кој е посакуван, на интимната исповест испреплетена во современието. Авторот Михајловиќ се впушта во соочување со тежината и леснотијата на пишување на стиховите и ослободувањето од нормативите на секојдневната поетска реч. Токму едноставноста на неговите стихови, минималистичкиот начин на пишување, претставува момент на вистината, тогаш читателот создава свои претстави за случувањата. Кога вели:

„Духовите во црвено

се твојата свита

чекориш безбедно брзо

застануваш сила поземаш

јакнеш, спремен за ударот следен.“

се согледува обидот на поетот да вметне нишка на мистичност, а воедно да даде силна порака за читателот да биде силен кога ударите се најсилни. Ненаметливо создава естетска прецизност во пишувањето, енергетска харизматичност во новооткриениот свет кон разбирање на човечките карактери. Поетот се идентификува со нештата и ликовите опеани во песните, во еден вокативен, обраќачки тон, упатен на читателската публика. Но, тука не се изоставува самиот, тој се обраќа и кон себе, за да открие еден свет кон кој тежнее, свет доволно идеален, во кој културата на поезијата треба да го заземе тронот на битисувањето.

            Поезијата на Михајловиќ ја толкувам како обид на авторот да нурне во човековата реализираност, себеспознание, начин на претставување на животот во околности на реалноста. Тој живее за уметноста, на несебичен начин ја нуди едноставноста на вообичаените рутини гледани низ Аристотеловата мисла ,,Спознавањето на себеси е почеток на секоја мудрост,,.

            Александар Михајловиќ преку стиховите повикува на ослободување, создавање на реален свет, во кој љубовта се трансформира во сите сегменти на живеењето и се појавува во чудесни облици. Иако насловот „Помалку измамени“ предизвукува, сепак никој нема да остане измамен додека ги чита песните.

Љупка Антеска - поетеса