Friday, October 11, 2019

Големо јаболко


Патем се прашувам
Онака разочарано
Зошто немам сила да го искинам
Телефонскиот именик на Њујорк
И така веќе се заборавени
Како евтини стаклени чаши за чај.
Мирис на свежа крв
Од скорешно убиство
Кое никогаш нема да се разјасни
Зошто вредат повеќе
Фотоапарат и четириесетина долари
Од живот ткаен, исплетен
Низ тесните улички
Дом и двор за случајните минувачи.
Бездомниците знаат се
Но никому не кажуваат.

Обиколка


Нејќам да престанам
Да патувам
Со мислите
Со мислите
И стутканиот билет
Неповратен, се разбира
Воодушевен од егзотиката на островите
Питката вода
Овошје со облик чуден
Патувам низ очите твои сини
Сина синевина
Потонувам и повторно патувам
Да трае ова чувство на милост
Нежност, вљубеност
Патување без враќање
Полн куфер сеќавања
Спомени и дребулии
Мисли мирни и тишина
Ветер топол ме носи
Тука до тебе.
Близината ја чувствувам.

Ние


Мене твоето игнорирање ми одговара
Зошто не знам поинаку
Не знам како
Мене твоето лудило ми е ближно
Зошто ми годи
Луд сум луд
Мене твоето црно ми е бело
Зошто цел свет си
Цело мое си
Тебе мојата смотаност ти треба
Зошто и ти незнаеш како
И ти поинаку нејќеш.

Духот твој


Мојот поглед кажува
Стисокот со рака ти кажува
Ти кажува телото мое.
Правиш се да не дознаам
Колку ти значи погледот
Не можеш без мислите
Ноќта ја проколнуваш.
Следно нешто
кое те потсетува на мене
сребрената светлина
од снежната виулица
ледениот здив ти годи
пече на кожата жигосана.
Звукот го слушаш нејасно
Зборовите испреплетени неважни
Ден светлина бараш
Ден година се стори
Чекори силно болката твоја
Те распрснува наоколу
Те снемува засекогаш.

Љубовна


Случајно ги избришав
Пораките наши љубовни
Со чувства пријатни
Реков ќе ги чувам
Да ме потсетат некогаш
На силината
Убавината
Занесеноста
По мене, тебе
По нас
За искреното те сакам
За стисокот во прегратките
За моментите тишина
Зошто борови се непотребни.
Чекорите ги паметам
Погледот кон ѕвездите
мирисот на цимет
испиениот салеп.
Мислата бледнее
Но никогаш не исчезнува.

Талкач


Одев многу
Талкав лутав шетав
По патишта различни
Сокачиња калдрмисани
Патеки поплочени
Но кои се правилните
Автопати модерни
Патишта прашливи
Патеки шумски
Сум одел.
Мене дружба ми правеле
Среќата тагата духот
Сам не сум бил знам
Ранец тежина сум носел
На душата радост
Од очекување ново.

Кралица

Покрај снегот што паѓаше
Ти реши да ти биде лето
Па лесно облечена
Поттрчнуваше по патеката
со насмевка кон
замисленото сонце.
Покрај ветрови виулици
Ти одлучи да ти биде мирно
Не ја местеше
Разбушавената коса
Занемарувајќи ги
Облаците прашина.
Покрај грмотевици дождови
Ти се осмели да чекориш
По ливада боса
Со жезло в раце
Неуморна од животот.

Живеам


Не ме отепавте
Живеам, жив сум
Чекорам по калдрмата
Не не
Не ме сотревте
Дишам, жив сум
Раните ги зацелувам
Не, велам не
Не ме убивте
Гледам, жив сум
Пијам вода езерска
Чекорам кон изворот
Битките ги добивам
Иако паѓам, се крепам
Моето време е сега
Секогаш сега
Живеам, жив сум
Живеам.

Промоција на книгата ,,Алтани и други,, во Скопје, септември 2019
#алтаниидруги #најдисевопоезијата
Промоција на книгата ,,Алтани и други,, во Гостивар, август 2019
#алтаниидруги #најдисевопоезијата