Climber`s Poetry
Find yourself in poetry. Најди се во поезијата.
Sunday, January 26, 2020
Непостоење 2
Земјениот пат што води до селото
често е раскопан од поројни дождови.
Крвта пролеана за слобода
измешана е со камењата.
Мирисот на босилек
секогаш те навраќа на лединката.
Непостоење 1
Белите линии убаво прилегаат на новиот асфалт
Птиците во кафезот се тажни
а децата што ги гледаат се весели.
Каков парадокс, какво недоразбирање
а можеше да биде подруго.
Sunday, December 29, 2019
Мојот облак
Секој човек со раѓање
добива облак на дар
да го следи по патот
да врне над него
да го потсети на слободата.
Тука е облакот мој твој
и кога е ведро
стрпливо чека да дојде
да го следи патот наш земен
да го одреди патот наш небесен
за да се сретнеме со облакот
кога крилја ангелски ќе ни пораснат
за да заспиеме вечно
на облакот снежен.
Нема правила
Уметникот е од посебен ков
чуден зачуден почуден
малку забеган
но искрено културен
ствара дела за нас
црта слика пишува
се самоповредува
за културата да биде
вечен пламен во мислите
духовна храна
зовриени љубови.
Уметникот умее
радост да донесе
кога духот е црн
и потонат во реката
од тони џубришта
кои трујат.
Тука сега овде
уметникот е присутен
во секој од нас
надалеку гледа
лета кон слободата.
Saturday, November 9, 2019
Каде сме
Коренот треба да го знаеш
испреплетен в длабочина,
во земјата црна, меѓу црвите
коренот од семка изникнат
вито дрво израстено.
Корен да немаш
ќе речат старите
корен немало
не мислат така
туку останало од нивните стари
стари корења големи
останати исушени, скапани
таму се, останале засекогаш
да се препнуваме кога одиме
за да потсетуваат
на корењата наши.
Помалку измамени
Овие правила не се за нас
треба да смислиме нови
секој ден прави правила
правила со правец
кон подобро, за убаво
правила за нас, само наши
но не и за вас господа
вие живеете без нив
неправилни правила сте создале
по нив одите, итате
каде, кога, како
за правилните правила грижа не ви е.
Се обидов Господ знае колку
да ги направам прави
неправилните правила
правилно прави
за сите нас
правилно да постапиме
измамени да нема
или барем помалку да сè.
Измислена
Не се става мисла на душата
мислата замислен те остава
мислата на арно не е
со мисла не се јаде
нити се легнува.
Помисли само колку пати
душата починка бара од мисли
слободна да е
како птица млада.
Затоа те молам немој
мисли на душата да редиш
тие само тежнеат
и копкаат
и болат
мислата помислена премислен те остава
во кафез челичен
душата ја заробува
ја измачува
ја пеплосува.
Затоа помисли на песнава
мислата слободна да е.
Мелница
Градот во прегратка ме зеде
ме лулаше како бебе малечко
штотуку од мајка одбиено
ме галеше нежно полека
ме остави на клупата да сонувам
слонови и чинии летечки
во бои невидени.
Потонувам во водата
а жеден сум
верувам во добрината на луѓето
верувам на последниот лист
пожолтен.
Патот твој го знам
а за мојот ќе прашам
дојди кога ќе залади
заедно да талкаме
низ градот убав.
Љубојна
Точно е
не ти го знам лицето
ти го знам срцето
ти ја знам душата.
Вистина е
не ти знам сништата
ти го познавам погледот
ти ги знам усните.
Верувај
не ти ги знам мислите
ти ги познавам чекорите
ти го знам мирисот.
Знај
те сакам како што те знам
ти си тоа што сакав.
Friday, October 11, 2019
Времеплов
Тргна па се премисли
Сакаше нешто да ми кажеш
Потрчнуваш забрзуваш
Повторно премислена.
Шепотот не помага
Разлеано мастило
Згужван папирус
Гулабот писмоносец
Нема кој да го нахрани.
Прати дождец пролетен
мисли стари да освежи
ронка надеж да остане
карпи да помести.
Мудроста е кажана
На сите јазици.
Newer Posts
Older Posts
Home
Subscribe to:
Posts (Atom)