Saturday, December 29, 2018

Бројаници

Точно го знам бројот
на капките дожд кои паѓаа
врз полето со жито.
Бројам и знам колку
класје ќе ожнеат
жедните жетварки.
Знам дека бројот
на пченичните зрна
секогаш е непарен.
Бројот на ѕвездите
во ноќта ведра
го запишувам
врз парчето хартија
на кое веќе ги избројав
буквите и запишав
помалку се, знам.
Бројам, редам
запишувам
запишувам, бројам
бројам
птици по полето
на дрвото, птици.
Бројам гласови
зборови.
Запишувам, крај нема.
Ги бројам
алтаните за надница
душите изморени,
телата изобличени.
Бројам часови
до утрото следно.
Тагата и среќата
не се бројат, знам.

Дарежлива куќа

1. Копнеж
Куќата стара ја обожавам
ја нема веќе
во сон патувам низ неа
чекорам по одаите
ме нема таму.
Има копнеж по времиња стари
спомени и фотографии
полека што бледнеат.
2. Среќен дух
Моментите на страст
бесценетиот звук на пецкање
од плочите.
Реалните изливи на бес
доаѓаат од кровот
натежнат од наноси снег.
Топлината на ѕидовите
може да се замени
со магичните мириси
на тазе зготвена супа.
Газам по мирудии и чаеви
Среќни сме.
3. Желба
Желбата за нов дом
се коси со минливоста
на времето и нотите
од капките дожд под стреите
и расипаниот олук.
Новиот капут
желба за нешто
да се смени во животот.
Вечниот сон ги однесе со себе
мислите и желба една
дар од ароста.

Tuesday, October 23, 2018

Залив

Некаде далеку
читаат моја поезија
уживаат во виното
замижуваат од зајдисонцето.
                
Сок од лубеница
песок насекаде
истреси ја марамата
и направи волшебен облак.

Танцувај лудувај
во ритам на брановите
вдиши свежина
биди моја Нереида.

Далеку

Животот почнува со заминување
заминува сончев зрак
капки се тркалаат по лист
чиниш бисери млечни
заминуваат в неповрат.

Заминува возот
носејќи души напатени
што не знаат дека
каде и да одат
нивното време
одамна е заминато.

Замини и запомни
збор од арост
огниште и вода
истурена за добар пат
поглед од чардакот
солза скриена што боли.

Monday, October 22, 2018

Цртеж

Виулица од мисли и снегулки
беснее околу мене, во мене
продолжувам за да дојдам
до тебе желбо малечка.
Зборови, шепот наоколу
тишината кажува се
погледот кажува повеќе
заедно сме, тоа најважно е.
Пријатно чувство на сигурност
прегратка топла, мила
само љубовта прави сеќавања
разделбата е како сон
зборовите ѕвезди светли.

Патување

Ме одведе во земја непозната
времето пред мене минува
години, векови, моќ, убавина
камен штом допрам
кажува нешто, не разбирам
знам за луѓе и богови
со почит се поклонувам.
Голем оган вечно гори
осветлува наоколу
многу тајни што кријат
тие споменици вечни.

Дух

Се смеам
но дали слушаш крик
кога молчам
најгласно викам.
Шетам, гледам лица наоколу
нивната тага, болка, мака
ја впивам.
Молчи, молчи
градиве се отворија
низ нив ветришта дуваат
да прочистат не ќе можат.
Темнина и тишина
тоа ми треба.

Sunday, October 21, 2018

Срки

Газам во непознато
страв немам
а треба да е така.
Темнини и смрт наоколу
се чудам
зошто страв немам.
Слушам за страдања
загуби
како да ги гледам
сеуште сум смирен.

Дојде моментот на вистината
плачам, солзи ронам
жалам, но страв немам
ниту омраза, горчина.
Се вртам, ме гледаат
знам дека ќе живеам
да пишувам редови
зошто страв немам.

Станица

Бетон, железо, стакло
јадам, голтам.
Лутам низ просторот
нема никој
или ми треба да нема.
Сам.
Сам да го доживеам
времето околу мене,
просторот мегаломански.
И чекам
само што, не знам
кога ќе дојде воз
да ме однесе неповрат.

Ново

Милиони светилки, многу светилки
во различни бои, многу светилки
бескрајот го осветлуваат, многу светилки
трепкаат, ми зборат, не ги слушам.

Свето место со многу светилки.
Светлина прегрната.